Не чека ли нов ковид бран?

Земјава влегува во нов ковид бран, тврди универзитетскиот професор Дејан Трајковски, чии математички пресметки ги предвидоа сите бранови на коронавирусот кај нас.

Според последната, во Македонија од пред две недели почна новиот бран, откако дијаграмите кои професорот Трајковски ги прави покажуваат нагорен тренд на бројот на заразени. Тоа се гледа и преку бројот на активните случаи, но и преку стапката на позитивни тестови, која што вчера експлозивно порасна на 12,4%, вели Трајковски.

- Вака започнуваат сите бранови - најпрво со ползење, па со одење, за да завршат со галопирање - токму како инфлацијата. Моментално преминуваме од ползење во одење, но знаеме дека тоа е само почеток. Сепак, споредувајќи со Португалија, каде врвот на бранот помина, не би требало да надминеме 1000 нови случаи на ден, иако тоа не се знае, бидејќи засега нема услов за задолжително тестирање при излез од државата.

Во земјава денеска се регистрирани нови 93 случаи на ковид-19, откако се направени 777 тестови. Но, според микробиологот доктор Никола Пановски ова не значи ништо, се додека клиничката слика на болеста е лесна. Затоа, ова не треба да загрижува и покрај тоа што некои студии велат дека новите подварјанти на ковид-19 познати како БА 4 и БА 5 го заобиколуваат вакциналниот имунитет, вели доктор Пановски.

Во меѓувреме, расте бројот на дневни зарази од ковид-19 во Европа. Португалија веќе го надмина пикот, а во Австрија вчера се регистрирани 11 илјади нови случаи, а се предвидува бројка и до 30 илјади случаи дневно. Сепак, нема информации за тешки клинички слики и за оптоварување на здравствените системи.