НБМ контра Костовски: Сторивме се да ја спасиме банката
Foto

НБМ контра Костовски: Сторивме се да ја спасиме банката

Не се вистинити информациите што се објавуваа во изминатите два дена, а се однесуваат на мерките кои што Народна банка ги презеде во врска со работењето на „Еуростандард банка“ тврдат во денешното соопштение од Народната банка на Македонија откако вчера мнозинскиот акционер во „Еуростандард банка“ Трифун Костовски го впери прстот во НБРМ како најголем виновник за пропаѓање на банката. Од Народна банка признаваат дека сопствениците на „Еуростандард“ минатата година вложиле 11 милиони евра со што ги исполнила минималните барања за работа, но сепак, велат оттаму, сопствениците не го обезбедиле потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнеле реално решение за докапитализација на банката. 

„Со оглед на пандемијата на Ковид-19, Народната банка вложи максимални напори да се изнајде поповолно решение. Се' што презеде Народната банка беше тоа „Еуростандард банка“ да не презема ризици повторно без соодветен капитал за нивно покривање. Со ограничувањето на кредитирањето се заштитија депозитите на депонентите. Сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката“ - велат од НБРМ.

Од Народна банка реагираат и на споделувањето на решението на социјалните мрежи кое што покажува дека одлука за одземање на дозволата за работа на „Еуростандард банка“ била донесена на 1 јуни годинава. НБРМ вели дека со тоа решение била повлечена согласноста за извршување само на одреден вид финансиски активности, како што е тргување со хартии од вредност во странство, тргување со злато или акции од вредност и за тоа била информирана Комисија за хартии од вредност.

A Комерцијална банка тврди дека „Еуростандард банка“ нема обврски кон неа и дека нема хипотека на зградата на „Еуростандард банка“.

„Точно е дека компанијата „Гофи“ користи долгорочен кредит од Комерцијална банка во износ од околу пет милиони евра. Побарувањето на Комерцијална банка по овој кредит е обезбедено со т.н. зграда на Поштенска банка и со дел од зградата Палата Македонија. Зградата на „Еуростандард банка“ не е под хипотека како што можеше да се стекне впечаток од изјавите дадени на вчерашната прес-конференција“ - велат од „Комерцијална банка“.

Костовски пак вчера на средбата со новинарите рече дека „Еуростандард банка“ нема долг кон „Комерцијална банка“, но целата групацијата должи околу 5 милиони евра за што е обезбедена и хипотека.

И додека трае разногласието за причините за пропаѓањето на „Еуростандард банка“ не стивнуваат реакциите откако се' уште актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска два месеци пред затворањето ги повлекла своите пари од банката. 

Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев вели дека Ангеловска со тоа ја злоупотребила службената положба затоа што ги имала информациите за состојбата во банката. 

Во меѓувреме со став излезе и Борче Хаџиев, директор на Фонд за сигурување на депозити. Тој во интервју за новинаската агенција МИА вели дека од Фондот ќе бидат обештетени депозитите на повеќе од 99 отсто од граѓаните - депоненти во „Еуростандард банка“.

0 Коментари

Остави коментари