Навивачите му оддадоа почит на Пеле на стадионот во Бразил
Емотивниот Бразил денеска и оддава последна почит на фудбалската легенда Пеле, на стадионот каде што тој со својата вештина за првпат го одзеде здивот на светот.
Илјадници навивачи и фудбалски достоинственици, вклучително и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино полека се движеа низ стадионот Вила Белмиро, дом на долгогодишниот клуб на Пеле, Сантос, каде што во центарот на теренот беше изложен ковчегот со неговите посмртни останки.
Пеле, трикратниот победник на Светскиот куп, кој се смета за најдобар фудбалер на сите времиња, почина во четвртокот на 82-годишна возраст по долга борба со ракот. Инфантино, кој присуствуваше на поворката со шефовите на фудбалската конфедерација на Јужна Америка и Бразил, рече дека светското раководно тело на спортот ќе побара од сите земји-членки да именуваат стадион во чест на Пеле.
„Пеле е вечен. Тој е глобална икона на фудбалот“, рече тој пред новинарите во Сантос, југоисточен пристанишен град на 75 километри од Сао Паоло.
Роден како Едсон Арантес до Насименто, Пеле експлодираше на сцената на 15-годишна возраст, кога го имаше своето професионално деби со Сантос. „Сантос“ е неговиот прв професионален фудбалски клуб каде тој помина и најголем дел од својата кариера. Играњето со професионален фудбал го заврши во клубот „Њујорк Космос“.
Прошталниот натпревар Пеле го одигра во 1977 година. Во него се соочија токму овие два клуба, билетите беа распродадени до последно место, а Пеле одигра по едно полувреме за двата клуба.
Тој го освои Светското првенство три пати со Бразил, во 1958, 1962 и 1970 година - единствениот играч во историјата што го постигнал овој подвиг.
Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА) денеска соопшти дека знамињата пред нивното седиште се спуштени на половина копје во чест на бразилската фудбалска легенда.
Пеле е погребан на гробиштата Меморијална Некрополис Екуменика, на приватна церемонија резервирана за членовите на семејството.