Научно-стручна расправа за Предлог законот за Судски совет
Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите, денеска, ќе одржат научно-стручна расправа по Предлог законот за Судски Совет на Република Северна Македонија.
Како што се наведува во соопштението од Здружението за кривично право и криминологија, со новиот закон треба да се надминат сериозните недостатоци кои беа детектирани во пракса, да се утврдат рокови за постапување на Советот за работите од негова надлежност, попрецизни критериуми во врска со поимот „истакнат правник“, како и процедури за разрешување на претседател на Советот.
– Станува збор за особено значаен Закон со оглед на фактот што Судскиот совет е клучна институција која треба да ја гарантира независноста на судството, а за кој Оценската мисија на ЕУ, кон крајот на 2023 година достави 40 препораки од кои дел се однесуваа на законската рамка и, кои, според членовите на работната група, биле земени предвид при изработката на предлог- законот. Со новиот закон треба да се надминат сериозните недостатоци кои беа детектирани во пракса, да се утврдат рокови за постапување на Советот за работите од негова надлежност, попрецизни критериуми во врска со поимот „истакнат правник“, како и процедури, како што е, на пример, таа за разрешување на претседател на Советот и така натаму, стои во соопштението.
Од научно-стручната расправа, велат, ќе произлезат заклучоци што ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на Предлог Законот.