Научна фантастика е да тргнеш и да стигнеш со автобус во Скопје

Главен град, без функционален јавен превоз - Скопје и натаму чека нови автобуси, додека граѓаните секојдневно се мачат со нередовни, неточни и дел неклиматизирани автобуси. 

Не само што не може да си го испланираат времето, туку во изминатиов период сè почести се и техничките проблеми кај автобусите, оставајќи ги патниците да се снаоѓаат како да стигнат до својата дестинација.  

„Незадоволството е големо, ако тргнеш некаде чекаш со часови, освен 22-ка - тој е најредовен, но ако тргнеш некаде да стигнеш - тоа е научна фантастика“

„Не се навреме и тоа не е прв пат, постојано е така, а што може ние да сториме - да стоиме и да чекаме, а повеќето се и без клима“

„Оние што треба да го решат прашањето се возат со државни автомобили и нив не ги интересира, ќе направат реклама на ТВ, ќе се сликаат и ќе си заминат по нивното богатење и тоа се е во оваа држава“ 

Ветувањата за обнова на возниот парк со години остануваат само дел од политичките дебати и говорите на седниците на Град Скопје...

И покрај бројните реакции и долгогодишните најави, нови автобуси сè уште нема. Првиот тендер за нивна набавка пропадна, а од министерството за транспорт велат дека сега во тек е новата постапка со која треба да се набават 150 електрични автобуси...Но и натаму не се знае кога граѓаните ќе се возат во новите автобуси. 

Министерство за транспорт и врски 

- Тендерот за набавка на нови електрични автобуси и електрични полначи беше реобјавен на 28 Мај. Согласно роковите, јавниот повик завршува на 06 Јули во понеделник, по што ќе следи постапка на проверка на документи и евалуација на понудите.

За пропаѓањето на претходниот тендер Министерството за транспорт тврди дека причината била што фирмите доставиле невалидни банкарски гаранции, додека опозицијата обвини дека тендерот бил местен за 12 милиони евра повеќе и била фаворизирана унгарска фирма...

Додека се чекаат тендерите –  дефектите на постојните автобуси се се почеста слика на скопските улици...Најсериозниот инцидент се случи лани во Сопиште, кога автобус се запали, но за среќа патниците и возачот навреме го напуштија возилото.