Наскоро ќе бидат достапни брзи тестови за Ковид-19, активни се 2.303 случаи
Foto

Наскоро ќе бидат достапни брзи тестови за Ковид-19, активни се 2.303 случаи

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека многу скоро се очекува во болниците во нашата земја да бидат достапни брзи тестови за Ковид 19, посочувајќи дека Министерството за здравство планира надградување на стратегијата за тестирање, односно ново воспоставување на стратегијата за широко тестирање. Во моментов во земјава се активни 2303 случаи на заразени со Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 17 674 заболени лица, оздравени се 14 642 лица, а починаа 729 како последица од вирусот.

– Последните неколку месеци на пазарот се подостапни брзи тестови за детектирање на вирусот (не на антителата). Меѓутоа се брзи и за 10-15 минути го детектират тоа без потребна лабораторија, без лабораториски апарат. Значи брис и една мала плочка. За кратко време ќе почнеме со набавка. Тие тестови пред се ќе бидат дистрибуирани во болниците, и во соработка со Центрите за јавно здравје, веројатно на граничните премини. Сето тоа ќе овозможи многу брз резултат на пациентите кои доаѓаат пред се итните, и на тие што им е потребна некаква интервенција. За 15 минути на лице место, без никаква потреба за голема експертиза, ќе знаат вработените дали пациентот е позитивен или негативен, рече Филипче.

Освен во болниците, министерот додаде, дека брзи тестови за Ковид-19 ќе има и на граничните премини, но пред тоа ќе треба да се подготви стратегија.

Меѓу другото, министерот истакна дека ниту една земја нема начин на широко тестирање како што имаме ние, со исклучок на големите земји. Филипче исто така рече дека во државата се тестираат дури и луѓето кои што биле во ризик, а немаат симптоми се со цел да се види да не се случи да има асимптоматски носители. Со такво широко тестирање, посочи министерот,  се штитат и сите луѓе околу позитивните.

Премиерот Зоран Заев наведе дека Владата и надлежните институции се целосно посветени на мерките за лична заштита преку кои ќе се спречи ширењето на КОВИД-19, а со тоа и потребата од карантин и други порестриктивни мерки.

-Она на коешто сме сите фокусирани од здравствената комисија до државниот кризен штаб до Владата е мерките на лична заштита. Тука ги полагаме сите надежи. Сите се свесни, граѓаните знаат дека се во иднина ќе зависи од тоа колкав ќе биде бројот на заразени, бројот на смртни случаи, колку ќе трае оваа пандемија зависи од нашата лична одговорност. Колку повеќе носиме макса, правиме дезинфекција, држиме дистанца, не мора секој пат да правиме средба, можеме и по телефон дел од работите да ги завршиме, рече Заев.

0 Коментари

Остави коментари