Насилството на дивоградби во полн ек

,,После спорниот хотел во Лагадин сопственикот сака да го узурпира и просторот на плажата" - ова го пишуваат загрижени жители на населбата во отворено писмо адресирано до медумите и институциите.Заедно со здружението на граѓани за заштита на Лагадин бараат итен инспекциски надзор за да се спречи, како што велат, ново узурпирање на охридското крајбрежје и дополнителни штети врз заштитеното наследство.

,,И покрај спорната постапка околу пренос на сопственоста и спорната градежна документација, инвеститорот во меѓувреме нелегално дигна уште еден, петти кат, догради дополнителни простории и нелегални тераси свртени кон населбата, а годинава пред почетокот на сезоната го узурпираше и влезот во населбата Лагадин со стеснување на влезната улица од регионалниот пат Охрид - Свети Наум со узурпација на две државни парцели.Тоа дополнително ја загрозува безбедноста на жителите и гостите не само во населбата, туку и на поширокото подрачје на охридското крајбрежје. Стравуваме дека од урбанистички аспект објектот воопшто ги исполнува сите услови за хотел." 

ТВ 24 стапи во контакт со сопственикот на хотелот кој ги демантира тврдењата на жителите и вели дека не може да приграби нешто што не е во негова сопственост потенцирајќи дека хотелот ја поседувал целата документација која ја потврдувала неговата легалност.

„Објектот е изграден по сите прописи и услови и нема никакви остапувања. Што се однесува до наводите за завземање на плажата, тоа се невистинити обвинувања. Таква инцијатива нема, ниту имаме планови да правиме нешто слично.Петтиот кат што го навведуваат е всушност соларен систем. Здружението на граѓани Лагадин би било многу поефикасно ако се фокусира на другите објекти во населбата и на наводните нелегални градби - „меѓу кои и нивните“, наместо да го таргетираат хотелот“, вели Никола Толевски сопственик на хотелот.

Од општина Охрид на нашето прашање одговараат дека засега не се воочени градежни узурпации на брегот но доколку тоа се случи,веднаш на терен ќе интервенираат инспекциските служби и нема да се дозволи такво нешто.

Инаку хотелот во Лагадин ја бранува јавноста уште од 2016 та година.Жителите излегуваа и на протести, а институциите на локално и на централно ниво си ги префрлаа надлежностите за негово стопирање или уривање иако Унеско во неколку наврати го етикетираше објектот како штетен за крајбрежјето.После скоро една деценија градбата е навлезена во финална фаза.