Наши сограѓани се оставени на улица во Кападокија – ја обвинуваат агенцијата „Орфеј“
Foto

Наши сограѓани се оставени на улица во Кападокија – ја обвинуваат агенцијата „Орфеј“

Тргнале на велигденска авантура, а останале на сред улица во Кападокија, Турција. 12 македонски државјани од Виница, Струмица, Прилеп и од Скопје, откако уплатиле за тура во оваа светска туристичка дестинација се соочиле со според нив измама на туристичката агенција „Орфеј“. За ова дознале откако денеска биле информирани од хотелот дека треба да го напуштат, поради тоа што им било уплатено само за едно ноќевање, сведочат тие за ТВ24. Откако дознале дека остануваат на улица, стапиле во контакт со сопственикот на агенцијата, кој пак откако се соочил телефонски со нив понатаму не бил достапен.

По многу обиди, се огласи и сопственикот на агенцијата „Орфеј“, извесен Роберт, чие презиме не сакаше да ни го каже при телефонските комуникации со нас, кои ги прекина кога почнавме да разговараме за сопственоста на агенцијата. 

Тој за ТВ24 претходно рече дека не е точно дека биле оставени на улица и дека поради гром кој удрил во зграда во центарот на Скопје, паднал и системот, па не можеле да извршат уплата во хотелот. Извесниот Роберт изјави дека партнерската агенција од Турција го решила проблемот, сместувајќи ги патниците. Но, сограѓаните кои се останати на улица во Кападокија повторно тврдат дека се на улица и дека партнерската агенција на македонската „Орфеј“ ги контактирала по што им било кажано дека „Орфеј“ немаат платено за да може да им средат сместување, а за кое платиле по 600 евра.

Од Државниот пазарен инспекторат за ТВ24 информираат дека доставиле предлог до Министерството за економија за одземање на лиценцата на туристичката афенција „Орфеј“.

„Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за ТВ24 вели дека нон - стоп имаат проблеми и претставки со оваа туристичка агенција. Дури пред 1.5 месец доставиле предлог опомена до Министерството за економија за одземање на лиценцата. Но, проблем било тоа што оваа агенција која е во сопственост на маж и жена ја затворале агeнцијата на едно место, а додека на друго ја отворале повторно. Пауновски вели дека имале издадено многу решенија против агенцијата. До сега никогаш немала оставено туристи на улица и секогаш си ги плаќала казните и ги обештетувала туристите.“  се вели во соопштението од Државниот пазарен инспекторат.

Од Туристичката агенција „ Орфеј “ негираат дека ДПИ има констатирано нерегуларности. Нешто подоцна, се огласи и министерот за економија Крешник Бектеши, кој за ТВ24 изјави дека доколку се утврди дека македонски државјани останале на улица, лиценцата на агенцијата „Орфеј“ ќе им биде одземена.

„Ако ДПИ утврди дека тоа навистина се случило веднаш ќе формирам Комисија и јас ќе им ја одземам лиценцата. Македонските граѓани веднаш по враќањето во земјава треба да достават претставка до пазарната инспекција. Потоа според постапката ДПИ треба да направи инспекциски надзор и да констатира дека Агенцијата не го исполнила договореното. Дури потоа ДПИ ќе го извести Министерството за економија кое издава и одзема лиценци на туристичките агенции.“ - изјави Бектеши.

Иако државните институции се кренаа на нозе и покрај велигденските празници, сепак судбината на македонските граѓани оставени на улица во Кападокија, пред хотелот од каде што беа извадени надвор, останува неизвесна.

0 Коментари

Остави коментари