Насер Зибери избран за народен правобранител
Foto

Насер Зибери избран за народен правобранител

Насер Зибери вечерва е избран за нов народен правобранител. „За“ гласаа 61 пратеник од вкупниот број пратеници во Собранието, како и 26 од 41 пратеник од заедниците кои не се мнозинство. На гласањето не присуствуваа опозициските пратеници. Зибери ќе ја наследи функцијата омбудсман од Иџет Мемети.

Откако беше одбиен предлогот на опозициските партии да се изостави од дневниот ред Предлог-одлуката за избор на Народен правобранител, 32-рата седница попладнево продолжи со расправа по предлогот на ДУИ Насер Зибери да ја извршува функцијата омбудсман. Зибери е правник, работи како нотар, поранешен пратеник и министер, а пред шест месеци беше кандидат за премиер од партијата ДУИ која сега го предложи за  функцијата.

Токму тоа беше и најспорно за пратениците од опозициските партии, според кои се работи за „пазарење со кое владејачката партија му враќа на Зибери за неговата услуга да прифати кандидатура за прв премиер Албанец“ на изборите пред шест месеци. Бараа повлекување на предлогот зашто сметаат дека е контрадикторен и неморален бидејќи народен правобранител треба да е аполитична личност.

Со партискиот бекграунд, смета опозицијата, кандидатот ќе нема доверба од јавноста, нема да ги штити интересите на граѓаните кога ќе бараат заштита од државни и јавни институции коишто ги раководат функционери и од ДУИ.

0 Коментари

Остави коментари