Населението во Македонија старее, младите иднината ја гледаат во странство

Миграција не е проблем само на пазарот на труд, туку на целокупното општество. Повеќе не е главна причина високата плата да се замине во странство, квалитетот на живот е на прво место кога се носи одлука да се замине од Македонија.

Стареењето на населението пак, влијае врз образовниот систем, се помалку деца има во училишните клупи, а тоа на долг рок ќе влијае и врз пазарот на труд, но и врз пензискиот фонд. Доколку продолжи ваквиот тренд ќе има и големи промени во здравствениот систем, вели универзитетската професорка Никица Мојсоска Блажевски.

„Сето ова влијае многу и врз родовата еднаквост, а посебно врз учеството на пазарот на труд. Знаеме дека грижата врз старите лица и грижата за домот обично паѓа на терет на жените.“ - вели Никица Мојсоска Блажевски универзитетска професорка.

Властите се свесни дека од Македонија се повеќе заминуваат квалификуваните работници, но во идниона се очекува да се зголемува бројот на општи работници кои спасот ќе го бараат во странство. Надлежните велат дека се обидуваат преку различни програми да ги задржат младите во земјава, но тоа е речиси невозможна мисија.

„Веќе во Европска унија, поради истите предизвици поразвиените земји ги отвараат пазарите, или пазарот на труд за нашите кадри, и тоа по два основа. Не само за одлив на мозоци, не само обучени и образовани кадри туку и тие што се со пониски квалификации.“ - вели Фатмир Бесими министер за финансии.

„Инвестициите уште од рана возраст на секое дете се добива можност за добивање квалификувана работна сила во државата, а праведно е затоа што овозможуваме на секое дете во државата без разлика дали живее во град или во рурална средина еднаљков пристап во предучилишно образование.“ - вели Јованка Тренчевска министерка за труд и социјална политика.

Од Светска банка потенцираа дека овој проблем е глобален и ќе мора со заеднички сили да се решаваат предизвиците со миграцијата. Она што сега заполнува да се случува во земјава а тоа е увоз на работен кадар тоа во развиените држави е долгогодишна пракса. 

„Индексот на човечкиот капитал е на нивото 0,6, што значи дека децата родени денес ќе бидат околу 44% помалку продуктивни одо што би биле доколку би биле сосем здрави и би имале сосем квалитетно образование. И со имиграцијата и со рапидното стареење, до 2050 г. повеќе од една четвртина од Македонците ќе бидат на возраст од преку 65 години.“ - вели Антонела Басани  Потпретседателката на Светска Банка за регионот на Европа и Централна Азија.

Според податоците од последниот попис во земјава има 180 илјади граѓани помалку или за околу 10 отсто помалку во однос на податоците од пред 20 години. Во моментов 650 илјади граѓани на Македонија живеат во емиграција, а тоа е речиси една третина од целокупното население. Во однос на наталитетот, од 14 новороденциња на 1000 жители, тој е паднат на само девет.