Народниот правобранител бара да се ослободат од плаќање сметки
Епидемијата предизвикана од загадената вода повторно го отвори долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во дел од населените места во Гостивар.
Дел од жителите велат дека со децении се соочуваат со слаб или целосно отсутен притисок на водата, поради што забраната за пиење, а претходно и за целосна употреба за нив не претставува новина. Како што велат, одамна се навикнати во нивните домови често да нема вода.
Горан Мицкоски, жител на населбата Циглана, за Телевизија 24 вели дека ваквата состојба трае речиси три децении. Според него, во текот на годината водата или тече со минимален притисок или воопшто ја нема. Тој апелира до надлежните институции што поскоро да изнајдат трајно решение за проблемот, но истовремено повикува состојбата да не се политизира.
Горан Мицкоски, жител на населбата Циглана, Гостивар
Од Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар за Телевизија 24 велат дека во координација со надлежните институции и централната власт се работи на трајно решавање на проблемот со водоснабдувањето. Апелираат граѓаните рационално да ја користат водата, особено во летниот период кога потрошувачката е значително зголемена, но нагласуваат дека во моментов приоритет е справувањето со епидемијата и обезбедувањето безбедна вода за пиење.
ЈП „Комуналец“ – Гостивар
„Работиме на трајно решавање на проблемот во координација со повеќе надлежни институции. Во летниот период состојбата е поизразена поради зголемената потрошувачка, особено со доаѓањето на иселениците кои потекнуваат од овој регион, поради што водоводниот систем е дополнително оптоварен. Во моментов приоритет е надминувањето на епидемијата и обезбедувањето безбедна вода за пиење за сите граѓани на Гостивар. По стабилизирањето на состојбата ќе продолжат активностите за реализација на останатите фази од реконструкцијата и унапредувањето на водоводниот систем“, велат од гостиварски „Комуналец“.
Телевизија 24 разговараше и со жители на селата Горна и Долна Бањица, кои како и жителите на населбата Циглана подолг временски период се соочуваат со истиот проблем. Иако не сакаа да зборуваат пред камера, тие ги потврдија тешкотиите со водоснабдувањето и апелираа до надлежните што поскоро да обезбедат трајно решение.
Инаку, проблемот со нискиот притисок во водоводната мрежа кој е особено изразен во летниот период претходно беше причина за протести пред зградата на Општина Гостивар, каде што граѓаните го изразија своето незадоволство и побараа итно решавање на долгогодишниот проблем, а народниот правобранител побара граѓаните да бидат ослободени од сметките за вода додека трае епидемијата.

