Народна банка пушти во оптек три нови ковани пари за колекционерски цели
Foto

Народна банка пушти во оптек три нови ковани пари за колекционерски цели

„Деловен успех и среќа“, „Вештачка интелигенција“ и „Среќен роденден“ се  новите  ковани пари за колекционерски цели што ги пушти во оптек Народната банка. Цената на кованата пара „Деловен успех и среќа“ изнесува 3.000, денари, на „Вештачка интелигенција“  3.200 денари, а на кованата пара „Среќен роденден“ 4.000 денари.

На аверсот на кованата пара „Деловен успех и среќа“ во централниот дел на монетата се наоѓа вметнато стакленце на коешто е отпечатена мапа на западната хемисфера и скиптарот на Меркур, коишто се прикажани на основата на дрвено тркало во златна боја. По должината на периметарот е прикажано името на издавачот ‒ Република Северна Македонија. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на нашата земја и годината на издавање на монетата – „2019“, како и апоенот „100 денари“. Сите натписи се на англиски јазик. На реверсот, во централниот дел од монетата се наоѓа вметнато стакленце на коешто е отпечатена мапа на источната хемисфера. Над вметнатото стакленце се прикажани слики од ракување, старовремска локомотива и брод. На левата страна од реверсот е прикажан Меркур со скиптарот, а на десната страна ‒ слика на Фортуна која држи рог на изобилството. Под вметнатото стакленце се прикажани сидро и два запченика, а над нив натписот „Ag925“. На долниот дел од периметарот на англиски јазик е испишано: „Деловен успех и среќа“.

Кај парата „Вештачка интелигенција“, на аверсот, во централниот дел е претставена слика на дигитален уред за оптичко препознавање со вградени сензори на мрежницата и информациски канали коишто се оддалечуваат во форма на мрежа со контактни јазли. Во горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на нашата земја, а по должината на периметарот е испишано „Република Северна Македонија“. На долниот дел се прикажани натписите: „100 денари“ и „2019“ ‒ годината на издавање. Сите натписи се на англиски јазик.

На реверсот, пак, во централниот дел од кованата пара е прикажана вештачка интелигенција во вид на кристал и струјно коло во вид на човечки мозок од кој се шири мрежа на сензори што го опкружуваат светот. Во горниот дел од кованата пара е прикажана слика на ракување како симбол на тесната соработка на човештвото со вештачката интелигенција. На горната лева страна е прикажана ознаката „Ag925“. По должината на периметарот е прикажан натписот на англиски јазик: „Вештачка интелигенција“.

На аверсот, во централниот дел на кованата пара „Среќен роденден“ е прикажана кошница полна со подароци и грбот на нашата земја. На долниот дел се прикажани натписите: „100 денари“ и „Република Северна Македонија“. На десната страна е прикажана годината на издавање ‒ „2019“ . Сите натписи се на англиски јазик. На реверсот, во централниот дел на кованата пара е прикажано насмеано бебе коешто носи капа и држи пелена во својата рака. По должината на периметарот на кованата пара е прикажан украс во вид на рачка на кошница. На долниот дел од кованата пара се претставени цвеќиња. Натпис на англиски јазик: „Среќен роденден“. На левата страна е прикажана ознаката „Ag925“.

 

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија.

0 Коментари

Остави коментари