Народна банка: Натамошно забавување на инфлацијата, при што на среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2 проценти

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и на дипломатските претставништва на Бугарија, Кина, Косово, САД, Словачка, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шпанија и Шведска, соопштија од Народната банка.

Во презентацијата било наведено дека се предвидува натамошно забавување на инфлацијата, којашто минатата година се сведе на едноцифрено ниво, во согласност со остварувањата во првиот квартал оваа година, со просечна годишна стапка од 3,4 отсто, коишто се пониски од октомвриските проекции.

Се предвидува дека просечната инфлација за 2024 година ќе забави сведувајќи се на 3,5 отсто, од 9,4 отсто минатата година, одразувајќи го натамошниот пад на цените на нафтата и храната на светските пазари, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и затегнатите финансиски услови.

На среден рок, се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување на историскиот просек од околу 2 проценти.