Народна банка: Граѓаните не треба повторно да ги плаќаат сметките кои ги уплатиле во пошта
Foto

Народна банка: Граѓаните не треба повторно да ги плаќаат сметките кои ги уплатиле во пошта

Повеќе стотици граѓани и фирми кои плаќале преку „Македонска пошта“ се во паника откако на 12. август годинава Народната банка на Македонија одлучи да стави клуч на „Еуростандард банка“, која со „Македонска пошта“ има ексклузивен договор за вршење на услуги во име и за сметка на банката. 

Илјадници евра биле уплатени дента по различни основи, а најмногу за плаќање на комуналии и режиски трошоци. За сега е во прекин и исплатата на пензии и пари по основ на социјална помош. 

Од „Македонски пошти“ смируваат и велат дека и покрај тоа што платниот промет од 12. август се' уште не е реализиран тоа ќе биде направено во следните неколку денови. Ова го потврдија и од „Народна банка“. Од таму велат дека се прават максимални напори за што побрзо завршување на сите административни процедури поврзани со исплатата на обештетувањето на депозитите на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити. 

„Граѓаните коишто на 12. август 2020 година извршиле готовински и безготовински трансакции преку „Еуростандард банка“ АД Скопје за плаќање на сметки, струја, вода и други давачки, вклучително и преку уплати во АД „Пошта на Северна Македонија“, дека трансакциите ќе бидат реализирани во наредните неколку дена и нема потреба граѓаните да ги плаќаат истите сметки одново“ - велат од НБРМ.

Од телекомуницискиот оператор А1 за ТВ 24 велат дека се' што ќе треба да направат граѓаните е да ја сочуваат уплатницата во случај да им затреба како доказ што ќе го приложат до операторот. 

„Еуростандард банка“ има ексклузивен договор со „Македонска пошта“ која има 330 експозитури низ цела Македонија.

0 Коментари

Остави коментари