Нарко-подземјето се прегрупира, партиите се обвинуваат
Тројца маскирани лица го подметнале пожарот во кафе барот Барон во Чаир. Кафулето има исто име како скопската криминална група Барон чии припаднци соработуваат со групата Беланоца и се во отворена улична војна со криминалните групи Дуќанџик/Грчец.
На снимката што ја објавија дел од медиумите, се гледа како еден од маскираните со тврд предмет ја крши влезната врата на кафе барот. Другите двајца влегуваат внатре со туба во рацете.
Откако ја разлеваат запаливата материја внатре, двајцата маскирани излегуваат и нивниот водач ја потпалува течноста со запалка. Влезот на објектот почнува да гори, потпалувачот за малку избегнува да биде запален и тројцата маскирани бегаат. Се се случува за половина минута.
Случајно или не, неколку часа по пожарот е застрелан Зелкиф Туша, таткото на притворениот Гани Туша кој е осомничен за учество во убиствата на припадници на кланот Грчец во Шиша Бар и на Халкидики. Гани Туша е припадник на бандата Барон. Обвинителството истражува поврзаност на пожарот и убиството на Зелкиф Туша.
- Скопското обвинителство изврши увид на лице место во близина на Блаце, каде вчера беше пронајдено безживотно тело на маж со прострелни рани. При увидот подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а јавниот обвинител даде насоки да се извршат проверки и да се преземат дејствија за обезбедување на докази. - велат од Основно јавно обвинителство.
Од Обвинителството информираа дека се проверува поврзаност на убиството со пожарот во угостителскиот објект во Чаир. Во вториот случај, подигнати се траги од лице место и обезбедени се снимки од видео надзор.
Во меѓувреме, политичките партии се препукуваат. Дарко Каевски, смета дека ДПМНЕ и Тошковски немаат капацитет да го расчистат случајот.
Од ВМРО-ДПМНЕ стигна одговор на негвите обвинувања.
- И оваа ликвидација води кон СДС. Застреланиот бил пронајден од братот полицаец чие име се спомнува во структурата на фирмата која продава јаглен на ЕСМ и РЕК Битола. А јавна тајна е дека ЕСМ и РЕК се златните рудници каде црпи пари врвот на СДС и ДУИ. Спасовски, Ковачевски, Пендаровски беа први на сликите со криминалците кои во последата година се ликвидираат меѓу себе, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Дарко Каевски.
Сопственикот на кафулето „Барон“ каде синоќа беше подметнат пожар, Јусуф Аќифи моментално се наоѓа во затворот „Идризово“, а може да се види на фотографија со водачот на „Беланоца“, Фатљум Ајети- Тоте кој исто така е во Идризово каде издржува затворска акзна за трговија со дрога.
Иако Грција собра докази и најави дека ќе бара екстрадиција за Туша кој се товари дека го убил Орхан Бајрами - Оки на Халкидики, сепак според официјалните информации од Министерството за правда, Грција не бара да биде испорачан.
Туша беше во притвор за поврзаност со двојното убиство во „Шиша бар“ кога беше убиен уште еден од водачите на „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила.