Наредната недела почнува изградбата на ветерниот парк во Овчеполието, инвестиција тешка 450 милиони евра

Една милијарда евра во енергетиката во земјава ќе инвестира турската „Казанџи груп“. Премиерот Христијан Мицкоски се пофали дека Владата потпишала меморандум за соработка со оваа холдинг групација, за да изгради секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и таканаречени когенеративни централи, кои во исто време ќе произведуваат и струја и топлинска енергија за парно.

Според премиерот тука е спасот и решението за загадениот воздух.

Малку позната кај нас, според достапните податоци Казанџи Груп е една од најголемите енергетски компании во Турција, со стратегија за долгорочен раст и значаен придонес во турската економија.

Премиерот Мицкоски најави дека идната недела во Карбинци, Штип и Радовиш ќе почне да се гради ветерниот парк на Алказар од 450 милиони евра, кој беше најавен лани, како прв проект на новата влада. Со помпезна свеченост, вчера беше најавена изградбата и на гасниот интерконектор со Грција. На промоцијата, министерката за енергетика Сања Божиновска најави нови два проекти, со кои рчее, испраќаме порака дека повеќе нема да бидеме енергетски заложници. 

Во меѓувреме, експертите предупредуваат дека на земјава итно и се потребни капитални инвестиции во енергетски капацитети, оти најголемите како РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј се стари преку четири децении и се на крајот од својот работен век. Деценискиот проект за изградба на хидроцентралата Чебрен, засега е на стендбај и освен најавите дека владата сака таа да биде домашна инвестиција, неизвесно е дали некогаш ќе се изгради.