Наместо најавуваниот тендер ќе се бара ново решение за клиничката болница во Штип - граѓаните револтирани

Наместо најавуваниот нов тендер ќе се бара ново решение и нов проект за доизградба на Клиничката болница во Штип, која ќе се гради по сосема друг принцип од досега, тврди премиерот Мицкоски.

Во моментов се работи на модел за Штипската болница којшто е во фаза на развој и се очекува до крајот на оваа година сè да биде завршено, а од почетокот на следната да се продолжи со градење.

Дали со ваквото ново решение и сосема новиот проект за доизградба на новата болница во Штип се согласува и Министерот за здравство, одговор побаравме и од ресорното министерство, сепак од таму решија да молчат. Но, затоа пак граѓаните не молчат и велат дека болницата е повеќе од потребна.

И ако пред само три месеци Мицкоски, кој првиот ден како премиер го почна токму од Штип, најавуваше фуриозно започнување со градба како на штипската така и на кичевската болница, сега се чини  дека големата капитална инвестиција во македонското здравство на истокот сепак ќе чека подобри времиња.

И понатаму останува отворено прашањето дали оваа болница во Штип, која одамна требаше да биде регионален центар во македонското здравство некогаш ќе нуди нови и современи услуги на 200 илјади пациенти.