Наместо благодарност, опомена пред тужба до штипски пожарникар

Опомена пред тужба од штипската Клиничка болница му пристигнала на пожарникарот Александар Горгиевски на домашна адреса. Тужбата се однесува за направен долг за неговото лекување откако за влакно не го изгубил животот во гаснење на пожарите. Веста тој ја објави на социјалните мрежи, притоа објаснувајќи дека на 30ти јули откако влегол во запален објект се онесвестил, бил спасен од неговите колеги и со Брза помош префрлен во Клиничката болница, каде бил примен на одделението за интензивна нега. Како што објаснува Горгиевски, тој со цел да го изгасне пожарот настрадал, а сега менаџментот на болницата го опоменува дека откако бил пуштен од болница, Горгиевски не платил 1.250 денари, колку што чинеле здравствените услуги во болницата. Горгиевски уште вели дека сумата не е проблем туку зошто никој не го информирал дека е должен иако како што тврди тој, од штипската Болница ги имале сите негови податоци.

Горгиевски уште прашува, што би било доколку истото би му се случило на некое повозрасно лице и без никаква информација да остане со блокирана сметка? 

Дали е коректно да се испраќа опомена пред тужба на домашна адреса за нешто за што претходно требало да информираат, 24 ја праша и Клиничка болница Штип, од каде велат дека секој пациент што бара преглед и интервенција во болницата, добива соодветна медицинска услуга, а наплатата се врши согласно законско-правните норми во Македонија.

Во нашата Установа секој пациент кој што е лекуван, наплатата се класифицира по ДРГ-системот и сите пациенти плаќаат одредена партиципација освен ако не се ослободени по некој друг основ. За горенаведениот пациент по напраениот увид нема основ за ослободување од партиципација.

Од таму потврдуваат дека Александар Горгиевски е донесен во Клиничка Болница–Штип со повреда на работното место и Дијагноза Интоксикација со јаглерод диоксид. Лицето е прегледано и примено на Оддел во Клиничката болница каде што му е ординирана адекватна терапија и истиот ден по приемот, на негово барање си оди дома, додаваат од Болницата. 

Инаку, утринава Горгиевски отишол да го плати долгот во болницата, но дознал дека истиот веќе е платен од страна на Рудникот од Пробиштип.