Намалената инфлација невидлива за граѓаните

Земјава е меѓу најдобрите во Европа по ниска инфлација. Вака премиерот Христијан Мицкоски денеска ги претстави јулските бројки, според кои годишната инфлација изнесува 2,3 проценти, а цените на мало се повисоки за 1,8 проценти.

Тој посочи дека стапката е пониска и од европскиот просек, кој според податоците што ги презентираше изнесува 2,93 проценти. Но, главната споредба ја направи со регионот и со 2022 година – кога Македонија била деветта меѓу 12 земји, а сега, според Мицкоски, е втора по најниска инфлација.

Од СДСМ, пак, ја оспоруваат споредбата со 2022 година, оценувајќи дека Мицкоски намерно го зема за репер периодот на најсилната енергетска криза, кога инфлацијата достигнала врв од 19,8 проценти. Опозицијата тврди дека пониската стапка на инфлација денес не значи дека цените се вратиле назад, туку дека продолжуваат да растат, но со побавно темпо.

„Овие поскапувања директно го јадат буџетот на граѓаните и ги зголемуваат трошоците за основните прехранбени производи. Анализата базирана на податоци од Државниот завод за статистика и Народната банка покажува дека куповната моќ на денарот од 2022 година до денес е намалена за околу 30% кај основните производи. Она што во 2022 година можеше да се купи за 1.000 денари, денес чини 1.300 денари. Изјавите за „намалена инфлација“, објавите на статистики и графиконите што Мицкоски ги црта на табла се наменети исклучиво за пропагандни цели. Ниту еден збор, ниту графикон, не може да го убеди граѓанинот дека живее подобро – народот чувствува и живее многу полошо.“

Повикувајќи се на податоците од Државниот завод за статистика, Finance Think пресмета дека во јули годинава, во споредба со истиот месец лани, најмногу поскапеле накитот и часовниците, за 34,8 проценти, медиумите за снимање за 33,5 и предучилишното и основното образование за 30 проценти.

Значајно поскапување има и кај социјалната заштита, течните горива, банкарските провизии, собирањето отпадни води, кината, театрите и концертите. Според последниот извештај за инфлацијата, Државниот завод за статистика пресмета дека на месечно ниво цените речиси мируваат. Во јули во споредба со јуни инфлацијата изнесувала само 0,1 процент.