Намалена водата во Преспанското езеро

Се поалармантна е состојбата со Преспанското езеро. За 560см е намален водостојот според денешните мерења, а од брегот на некои места водата е повлечена за дури 3,5 км.

Климатските промени, недостигот на дожд и снег но најмногу човечкиот фактор според експертите се причината за се поголемите загуби на вода. 

Сликата од брегот е тажна. Езерото го снемува. Екологистите со години алармираат, но досега конкретни мерки нема. Состојбата наместо да се подобрува се влошува. Загрижени се и жителите од Преспа и тие негодуваат за причините. 

Последниот став од државата околу овој проблем е од Премиерот Ковачевски кој вели дека државата ќе прави анализа, а потоа ќе презема и конкретни мерки за надминување на состојбата.

Инаку дополнителна штета на езерото му прави и употребата на пестициди за овоштарниците, дополнително придонесува за размножување на алгите, а поради збогатен фосфор и азот, изумира ендемичниот жив свет во Преспанското езеро. Видливоста на водата е намалена од 30 до 70%.