Налогот за апсење на Путин: За Бајден оправдан, за Кремљ бесмислен
Oправдан e налогот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомнежи за извршени воени злосторства во Украина, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Одлуката на Хашкиот суд испраќа многу силен сигнал и укажува на делувањето на рускиот лидер во наредбите за инвазија врз Украина.“ - рече Бајден.
Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг претходно распиша налог за апсење на Путин, обвинувајќи го рускиот претседател дека е одговорен за илегалната депортација на деца од Украина, што претставува воено злосторство. Судот во соопштение наведува дека е распишана потерница и за Марија Лвова-Белова, руска функционерка за правата на децата, која наводно го насочувала отстранувањето на украинските деца во Русија.
„Постојат разумни основи да се верува дека секој осомничен сноси одговорност за военото злосторство за незаконско депортирање на населението и за незаконско префрлање на населението од окупираните области на Украина во Руската Федерација, на штета на украинските деца.“ - велат од Меѓународниот кривичен суд.
САД, како и Русија, не го признаваат судот. Москва го нарече налогот „бесмислен“ бидејќи Русија не е потписничка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и „не сноси никакви обврски“.
„Русија не соработува со ова тело, а можните рецепти за апсење кои доаѓаат од Меѓународниот суд на правдата ќе бидат правно ништовни за нас.“ - рече Марија Захарова портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.
Иако налогот најверојатно ќе го намали статусот на рускиот претседател Путин во меѓународните кругови, сепак, не е јасно како би се извршила потерницата против него.