Најзагадените градови во Македонија истовремено се и меѓу најзагадените во Европа
Најзагадените градови во Македонија истовремено се и меѓу најзагадените во Европа. Загадениот воздух, посебно во зимскиот период, со децении им создава сериозни здравствени проблеми на граѓаните.
Досегашните обиди да се намали загаденоста не дадоа посериозни резултати, а деновиве најголемо е аерозагадувањето во Скопје, а најмало во Штип, покажуваат податоците од теренските истражувања на лабораторијата АМБИКОН на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Меѓутоа ова се должи на ветерот, кој му оди во прилог на градот под исарот, а не е резултат на преземените мерки, смета универзитетскиот професор Дејан Мираковски, кој вели дека загадување има во речиси сите урбани средини.
Граѓаните пак со поделени мислења кога станува збор за тоа кои се најголемите извори на аерозагадување, но велат и казните треба да се поригорозни.
Граѓанските активисти од Кочани пак, бараат инспекторите постојано да се на терен. Тие прстот го вперија кон самозапалувањето на депониите во Кочани и Виница, загадувачите од индустриската зона, палењето на стрништата пред сеидба на оризот, но и на гуми и кабли, кои според нив се дел од загадувачите во овој регион.
И покрај тоа што употребата на дрва за огрев е најсериозниот аерозагадувач во зима во градовите од источниот регион, сепак сите урбани средини во државата, посебно оние кои се сместени во котлините имаат екстремно аерозагадување во ек на грејната сезона.