Најчевска за ТВ 24: Во Македонија граѓаните се незаштитени, препуштени се сами на себе, а тоа е добра почва за насилство

Кај нас се е скандалозно во врска со правосудството. Мене не ме чудат некапацитетните туку оние што имаат капацитет, но молчат. Секаде во светот има такви кои се обидуваат да фатат кривина, но фелата реагира за да се заштити себеси. Особено кога станува збор за правосудството. Ако тие не можат да се одбранат себеси, како да очекувам да ме бранат мене?, вели Мирјана Најчевска во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

-Во Македонија граѓаните се незаштитени, препуштени се сами на себе а тоа е добра почва за насилство. Луѓето ќе почнат правдата да ја земаат во свои раце, вели Најчевска и додава дека е неверојатно фрустрирачки што луѓето треба да се насочат да ја бараат правдата низ институциите а сите се свесни дека тие не функционираат.

Најчевска вели дека луѓето веќе се несреќни, нерасположени, фрустрирани и дека е прашање кога некој насилно ќе реагира.

-Најголемиот грев на СДСМ е што го уништи духот на Шарената револуција. Тие имаат среќа што и македонскиот и албанскиот народ се кротки и трпеливи. Луѓето многу тешко повторно да се кренат и да излезат на улиците. Сега е поголема веројатноста да си заминат. Тие вложија многу како граѓани, а не добија ништо, вели Најчевска.

Според неа, мора да постои елита која во името на граѓаните ќе се спротивстават на криминалот во својата фела.

 -Она што го гледам во настапите и говорите на политичарите е како да живеат во некоја друга држава сосема различна од онаа во којашто живеат граѓаните. Тие кога се на функција го губат контактот со реалноста, а кога се во опозиција сосема реално ги гледаат проблемите. Но, не сум видела некоја партија да излезе и да каже дека кога била на власт направила грешки, вели Најчевска и додава дека ние имаме проблем со политичките елити и дека нам ни е потребна технократска власт.

Според Најчевска, таквата технократска власт не би била составена од партиски луѓе туку од експерти во својата област кои сега се повлечени оти се чувствуваат незаштитено. Таа вели дека таквите луѓе кои сега се исплашени треба да се изнајде начин да се охрабрат и заштитат да можат слободно да настапат јавно со своите мислења.