Најавите за измени на законот за ддв, за е-трговијата ќе ги поскапи артиклите за 18%
Последните податоци на Народна банка за првото полугодие за е-трговијата расте, односно за 34% споредбено со истото полугодие минатата година, вредноста е 456 милиони евра.
Според проценките на Асоцијацијата за е-трговија, секоја година електронската трговија расте, а граѓаните се свестуваат, понудата се зголемува, се отвораат странски провајдери.
Откако Владата усвои измени и дополнување на Законот за данок на додадена вредност со што ќе се укине ослободување од ДДВ за онлајн нарачки до 22 евра, од Асоцијацијата за е-трговија велат дека ова предлог решение ги следи промените кои ЕУ ги направи пред неколку години, но оттаму велат дека прашање е колку нашиот систем е подготвен за вакви промени.
Виктор Стојковски-Асоцијација за е-трговија
„Се уште начинот на спроведување не е доволно јасен, односно ние барем во оваа ситуација не го знаеме и не можеме да го коментираме. Тоа што се случува во Европа, оваа мерка веќе постои од 2021 година и Европа го воведе ова за да ја заштити и внатрешната економија и нелојалната конкуренција, но претходно со многу сериозна подготовка. Европа се подготвуваше две до три години за да го воведе ова во 2021 година и го воведе на начин што интегрираше „One stop shop“ систем-ДДВ-то се наплаќа од страна на провајдерите коишто продаваат во ЕУ.“
Според дел од даночните експерти, првенство потребно е да се развие секторот за правна помош затоа што нивните ставови се дека во државата овој сектор не е развиен, а за да се постигне ефектот на разбивање на сивата економија стриктно да се почитуваат правилата и препораките за ДДВ на Европската унија.
Претходно, од министерството за финансии излегоа со став дека со преземањето на вакви мерки и измени ќе се зајакне домашната економија и ќе се даде поддршка на локалните компании и ќе се отворат нови работни места. Наведоа дека со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
Со ова би се укинало ослободување од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа ќе значи автоматско поскапување на сите нарачки за 18%, а веќе по локалните избори се чека овој предлог-закон за измени на Законот за додадена вредност, да се усвои.

