Најавена таргетирана поддршка за фирмите, следната недела нови антикризни мерки
Foto

Најавена таргетирана поддршка за фирмите, следната недела нови антикризни мерки

Поддршка на приватната потрошувачка со ваучери и картички за најсиромашните, како и таргетирана поддршка на најпогодените компании од ковид кризата. Кон тоа се насочени новите антикризни мерки за стопанството и населението  што се уште ги дефинира владиниот економски тим. Пресметките за вредноста на мерките се уште траат, а нивната објава е пролонгирана за следната недела. За некои ќе се интервенира со закон, а за некои со уредба.

Стопанството, пак, продолжи да испорачува нови барања за помош, а вчера стаса најавата за државната гарантна шема со која ќе се гарантираат комерцијалните кредити на фирмите.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе има поддршка на приватната потрошувачка, со нови картички и ваучери што ќе бидат поконкретизирани за да можат да бидат истрошени во дејностите кои се најпогодени. Тука, како што рече, спаѓаат сите социјално погодени граѓани, односно покрај пасивните баратели на работа, пензионерите со пензии под 15 илјади денари, самохраните родители, стечајните работници кои земаат надомест, како и ранливите категории сиромашни граѓани  преку центрите за социјални работи.

Се разгледуваат сите можни аспекти за натамошно помагање на стопанството преку мерките што дадоа резултати, а специјална нова мерка ќе има за враќање на отпуштените работници.

Износот на мерката од претходниот пакет за помош при исплата на плата во износ од 14.500 денари ќе се доделува во зависност од тоа колку се погодени фирмите од кризата.

– Ако аплицираат компании што се погодени над 30 отсто би требало да имаме капацитетност да одиме со дополнителен развој на мерките  пропорционално да ги поттикнеме и помогнеме оние што се погодени 30, 50, 80 или 100 отсто. Најверојатно ќе тргнеме од некоја помош од 14.500  денари, каде дополнително ќе важи за тие што се до 30 отсто погодени, а би требало да биде поголема за тие што се 40 отсто погодени, 50 отсто, 60, за да имаме правичност во целата реализација на сите овие мерки. Дефинитивно ги помагаме компаниите со 20 – те милиони евра, што во моментот ги развивме како процедури. Одиме директно на целата подготвеност што можеме да направиме со парафискалните давачки, одложувањето на одредени даноци, како даночната аконтација на данокот на добивка и одредени други важни даноци, рече вчера премиерот Заев.

Како што објави министерот за финансии Фатмир Бесими, државната гарантна шема треба да започне да профункционира до крајот на годината. Ќе се одвива преку преку Развојната банка која ќе ја развие гарантната шема. За тоа се потребни законски измени.

-Со оваа мерка ќе се подобри ликвидноста на компаниите, ќе се олесни можноста за компаниите да ги спроведуваат тековните активности, но и ќе се поттикне инвестициската активност, која е суштинска за раздвижување и ревитализација на економијата, најави вчера Бесими.

0 Коментари

Остави коментари