Нагло падна цената на нафтата
Цените на нафтата денеска потонаа до 74 долари, како одраз на превирањата на пазарите на акции поради проблемите во банкарскиот сектор што ги засени прогнозите за закрепнување на кинеската побарувачка на нафта.
На лондонската берза цената на барелот попладне беше за 3,2 долари пониска од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 74,25 долари. На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по цена пониска за 2,86 долари – 68,47 долари. Вчера тргувањето затвори со загуба од 3,47 долари.
Американските регулатори ги затворија SVB и две други банки, а трговците стравуваа од повторување на финансиската криза од 2008 година, па акциите на банките драстично паднаа.
Превирањата на берзите ги турнаа во втор план податоците кои покажуваат раст на активноста во кинеската економија во првите два месеци од оваа година, по укинувањето на строгите мерки за борба против Ковид.
Во сенка е и месечниот извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која што очекува посилна побарувачка за нафта оваа година благодарение на закрепнувањето во Кина и ги отсликува прогнозите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), објавена вчера.
ОПЕК одделно извести дека денеска барел од нафтената кошница на нејзините членки чинел 78,92 долари, 2,96 долари помалку од претходниот ден.