Нафтените деривати од попладнево на бензинските пумпи би требало да се поевтини за два денара

За два денари по литар би можеле да поевтинат бензините и дизелот во земјава. Tоа ќе се случи само доколку бензинските пумпи го имплементираат попустот што компанијата ОКТА им го нуди на трговците со гориво.

Попустот важи до крајот на март и се однесува на дизелот и бензините што бензинските пумпи ги набавуваат од компанијата. Од ОКТА велат дека со ова сакаат да го олеснат притисокот врз пазарот и да им овозможат на трговците намалувањето да го пренесат и до граѓаните. 

Државата ја следи состојбата на пазарот и очекува намалувањето да се почувствува и на бензинските пумпи, вели министерката за енергетика Сања Божиновска. Според неа, дополнителните количини гориво набавени преку продуктоводот „Вардакс“ ја стабилизираат понудата на пазарот. Таа појаснува дека крајните цени сепак зависат од трговците, но и од ограничувањата што ги поставува Регулаторната комисија за енергетика, која ја утврдува максималната цена. Очекувањата на Владата се дел од попустот да стигне и до граѓаните.

Од „Макпетрол“, кој заедно со ОКТА се дваѕа најголеми снабдувачи со гориво во земјава, пак, велат дека намалувањето од два денари по литар не е доволно за значително намалување на малопродажните цени.

Според компанијата, пазарот и натаму е под силен притисок од растот на цените на светските берзи. Оттаму посочуваат дека конечните цени зависат од повеќе фактори, а не само од попустот што го нуди снабдувачот. Горивата во земјава поскапеа во изминатите денови по наглиот раст на цената на нафтата на светските берзи, предизвикан од ескалацијата на кризата на Блискиот Исток.