Нафтата скокна по нападот во Ормускиот теснец

Скокаат цените на нафтата. Во Македонија веќе има први корекции. Бензините од  полноќ поскапуваат за еден денар по литар, дизелот засега остана непроменет, а мазутот бележи позначително зголемување.

По овие најави, камерата на ТВ 24 денеска забележа и невообичаена гужва на дел од бензинските пумпи, каде граѓаните точеа гориво пред евентуални нови поскапувања. Индексот МБИ-10 на Македонската берза вчера беше во минус, што е уште еден сигнал дека глобалната неизвесност се прелева и кај нас. Причината е ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, по што барелот „брент“ надмина 82 долари, а гасот и златото поскапеа. Во фокусот е Ормускиот теснец, клучна рута за светската трговија со нафта.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека внимателно ги следат берзанските движења и имаат механизам за секојдневни пресметки, врз основа на кои носат вонредни одлуки ако промената достигне најмалку два денари по литар кај бензините и дизелот, односно еден денар кај мазутот, при што во формулата се вклучени петдневните берзански цени, курсот на доларот и акцизата, но и глобалните фактори што влијаат врз понудата и побарувачката.:

„Со ваквиот пристап се обезбедува сигурност, стабилност и предвидливост на пазарот со нафтените деривати, а се со единствена цел да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации.“

Акцизата и натаму останува инструмент преку кој државата може директно да влијае врз крајната цена на горивата, како што беше случај во претходната енергетска криза кога со намалување на давачките се ублажи ударот врз граѓаните и компаниите. Од Министерството за финансии немаше конкретен одговор дали и сега ќе се разгледува таква можност.

„Состојбите се следат и Министерството за финансии е во координација со надлежните институции. Доколку се утврди потреба, ќе се применат соодветни механизми за интервенција преку примена на одредбите од позитивните законски прописи.“

По седницата на Советот за безбедност, претседателката Гордана Силјановска Давкова изјави дека институциите внимателно ја следат состојбата и дека засега нема простор за паника. Таа посочи дека земјата располага со енергетски резерви и дека се работи на диверзификација на снабдувањето, вклучително и преку гасниот интерконектор со Грција, со цел да се намали зависноста од надворешни шокови. Сепак, дел одекспертите велат дека високите цени на горивата ќе го погодат транспортот, а тоа може да ги зголеми цените и на основните животни продукти. Во меѓувреме, ОПЕК+ најави постепено зголемување на производството од наредниот месец, но аналитичарите предупредуваат дека евентуален подолг прекин на транспортот низ Ормускиот теснец би можел повторно силно да ги зголеми цените на нафтата и гасот и да создаде нов инфлаторен притисок и врз македонската економија.