Надлежните смируваат нема место за паника - излеаната течност во ОХИС е целосно собрана
Foto

Надлежните смируваат нема место за паника - излеаната течност во ОХИС е целосно собрана

Ден по инцидентот во ОХИС надлежните направија увид и констатираа дека не постои опасност по здравјето на граѓаните. Течноста сега е собрана и отстранета, а во тоа на самото  место надлежните ги уверуваше сопственикот на „ЕКОЦЕНТАР 97“ - компанијата задолжена да ја собере опасната хемикалија и да ја подготви за извоз во Швајцарија.  

„Нема никакви штетни материи во воздухот, брзо се распаѓа и во водата и во воздухот, нема опасност за граѓаните тоа сакам да ги уверам“ - рече Јани Макрадули. 

Се утврдува зошто попуштил вентилот и се излеала водата со која се миеле цистерните полни со метил акрилат мономер. Протекувањето на опасната материја се случило уште во четвртокот вечерта. Надлежните не реагирале се додека граѓаните од Кисела Вода не се пожалиле на здравствени проблеми. 

„Ние не сме знаеле, граѓаните први приметиле. Не сме нон-стоп присутни тука. Правиме активности на терен, имаме чувари, не приметиле ништо“ - вели Владо Момировски -

Пропусти имало и ќе има бидејќи работата се уште не е ставена под контрола, предупредува граѓански активист кој поминал обука за управување со опасен отпад. 

ОХИС крие 11 резервоари со опасни хемикалии, освен метил акрилатот кој вчера протече, констатирал стечајниот управник.  

Граѓаните се сомневаат дека се работи за многу поголем број на опасни материи, освен досега објавените. 

Поголем дел од имотот на ОХИС сега е приватизиран, но на ова место нема да работат фирми со слична дејност во иднина. 

Од Министерството за здравство не упатија препораки до граѓаните по вчерашниот инцидент во ОХИС, докторот Андон Чибишев од Токсикологија на социјалните мрежи предупредува дека оваа опасна материја лесно се шири во воздухот со помош на ветар и до радиус од еден километар. Препорачува три дена потоа, да се избегнуваат прошетки околу фабриката, а можни симптоми се грчење на мускулите, алергии. 

Во меѓувреме во лабораторија на Штипскиот универзитет се мерат штетите, а државниот инспекторат за животна средина откако ќе ги вкрсти сите извештаи од институциите, треба да заклучи каде бил пропустот и кој е одговорен. 

„Нема причина да се загуби лиценцата, ако институциите дојдат до таков заклучок дека не е испочитуван некој процес, одлуката е кај нив“ - смета Момировски.

0 Коментари

Остави коментари