Над 80 земјоделци од Свети николско останаа без закупеното државно земјоделско земјиште

88 договори за закуп на земјоделско земјиште се раскинати и непродолжени од Министерството за земјоделие, тврдат од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе, од каде бараат истите да им бидат продолжени.

Анѓел Стојчев, претседател на Здружението посочува дека лани сите земјоделци кои имаат ваков договор доставиле барања за продолжување на истите, но во декември од страна на ресорното министерство договорите не им се продолжени и како што тврдат, повеќе не фигурираат ниту во катастар ниту пак ќе можат да го остварат правото на субвениции. 

Трошоците се двојно зголемени, а ваквите не по наша вина дополнителни трошоци не вадат од колосек и буквално не знаеме како понатаму, вели земјоделецот Љубе Анастасов.

Земјоделците од овој крај денес порачаа дека веќе се подготвуваат за голем протест и побараа од надлежните да им објаснат дали ќе им бидат продолжени договорите.

Зошто не им се продолжени договорите и дали ќе се преземе нешто, ТВ 24 го праша ресорното министерство, од каде прстот го вперија во Комисијата за земјоделство и го повикаа преседателот на оваа Комисија веднаш да ги разгледа измените на Законот за земјоделско земјиште, со цел решавање на правото на аплицирање за субвенции на 200 земјоделски стопанства.

- Измената на Уредбата е во насока да озоможи право за субвенции на сите земјоделци на кои во овие месеци за време на изборниот процес, имаат истечени или ќе им истечат договорите за закуп на земјоделско земјиште. Земјоделците правото на субвенциите да можат да го остварат врз основа на старите договори. Продолжувањето на договорите да се изврши веднаш по завршувањето на изборниот процес, продолжувајќи се на 15 години согласно последните измени во законот за земјоделско земјиште, кои се токму по барање на земјоделците. - велат од МЗШВ.

Овие законски измени пратениците на опозицијата ги нема поддржано и по се изгледа дека планираат нивна блокада, преку комисијата за земјоделство, каде токму претедателот на комисијата доаѓа од редовите на опозицијата.

Инаку, сите 88 земјоделци на кои не им се продолжени договорите заедно со нивните семејства егзистираат токму од обработување и производство на земјоделските површини во овчеполскиот крај.