Над 80 отсто од годинашната реколта на ориз стои во амбарите - оризопроизводителите гневни

Откуп на ориз во кочанскиот регион нема. Производителите на „белото злато“ обвинуваат дека наместо договорените 35 денари за килограм оризова арпа, приморани се да го предаваат оризот за цена пониска од производната, со што се доведува во прашање нивната егзистенција.

Велат, откупните цени треба да бидат најмалку 45 денари по килограм, за да им се исплати трудот, бидејќи, како што објаснуваат и онака се обременети со скапи репроматеријали. 

Зошто наместо да се зголемува се намалува откупната цена, очајно прашуваат земјоделците од кочанско и посочуваат дека во амбарите им стоат околу 5000 тони арпа само од минатогодишната реколта. 

Оризопроизводителите од кочанскиот регион бараат средба со ресорниот министер со цел решавање на проблемот. Во спротивно, како што велат незадоволството наскоро може да ескалира и да се преточи и во радикални штрајкови.