Над 700 милиони евра планира владата да се задолжи до крајот на годината
Владата до собранието достави предлог закони со кои планира до крајот на годинава да се задолжи со нови над 700 милиони евра. Според достапните информации Владата планира да земе 50 милиони евра, од Француската агенција за развој и да ги искористи за зелени инвестиции.
Пет милиони евра да позајми од Европската банка за обнова и развој и да го финансисра проектот Заеднички граничен железнички премин Табановце. За пругата кон Бугарија два заема по 175 милиони евра, за развојни политики 93 милиони евра, и дополнителни 90 милиони евра за кои нема обрзложение за што ќе се трошат. Плус 50 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа наменети за мали и средни претпријатија.
Предлог законите ќе се носат по скратена постапка. Последните официјални податоци велат дека јавниот долг на Македонија изнесува 55,8 отсто од Бруто домашниот производ. Или во превод, тоа доаѓа околу осум милијарди евра. БДП-то на земјава е на ниво од 13 милијарди евра, што значи дека задолженоста изнесува околу седум илјади евра по глава на жител.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, овие задолжувања ги правда како многу поповолни од издавање на еврообврзница. Овие кредити биле договорени оддамна, но владата решила дека овој период е најповоилен за подигнување.
„Да ви кажам дека поголем дел од нив се на 10 години за отплата, со четири или пет години грејс период, со каматна стапка што е четири процентни поени во просек пониска од она што го плаќаме сега со обврзниците. Ако тоа го претвориме во износ од 600 милиони евра вкупно како пакет, тоа се 25 милиони евра годишно, десет години тоа се 250 милиони евра заштеда на камата.“ - рече Бесими.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со обвинување дека власта се обидува по брза постапка да протурка задолжувања со кои граѓаните на Македонија нема да имаат никаква корист.
„Во Македонија со СДС и ДУИ граѓаните ги немаат основните работи за живот, кои се со Устав и закони загарантирани. Учениците немаат книги, болните немаат лекови, студентите живеат мизерно, фирмите се уништуваат со даноци кои повеќе наликуваат на државен рекет, отколку на солидарен данок, но сето тоа не ја спречува власта да посегне и да ги задолжи и идните генерации.“ - рече од Марија Митева ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2017та јавниот долг на земјава изнесувал 47,7 отсто следните две години или 19 и 2020 долгот се зголемил минимално два процети. Но следната 2021 година долгот рипнува за цели 10 проценти и е на ниво од 59,7 проценти од БДП. 2022 година јавниот долг го достигна врвот и изнесувал 61 отсто а годинава тој процент започна да се намалува и од 59, 7 отсто стаса на 55,8 отсто.