Над 5 години затвор предвидени за производство и репродукција на детска порнографија
Foto

Над 5 години затвор предвидени за производство и репродукција на детска порнографија

По барањето да се блокира скандалозната група на „Телеграм“, МВР и обвинителството сега чекаат официјални информации за основачите. Испратено е барање до главното седиште на апликацијата во Европа, за да се открие кој се крие зад креирањето на непристојните содржини со податоци од малолетни девојчиња, велат од скопското обвинителство за ТВ24.

„По известувањето од МВР, ОЈО Скопје се обрати до администраторите на Телеграм во Лондон, за да се обезбедат информации околу основачите на оваа виртуелна група, се трага по ИП адресите и по нивните идентитети.“ - велат од ОЈО Скопје.

Случајот засега е отворен поради сомнеж за производство и дистрибуција на детска порнографија, дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку пет години. Групата со вулгарни содржини која се водеше како „Јавна соба“ е преполовена по медиумскиот интерес и реакциите во јавноста, од околу 7500 членови на 4000 и бројките на учесници се намалуваат постојано. Ова е прв случај на пријава за дистрибуција на лични податоци и порнографски материјали на малолетници во ваков масовен број, во последните неколку години велат од МВР.

Според неофицијалните податоци до сега креатори на порнографската група се две момчиња кои не живеат во Македонија, а апликацијата Телеграм ја избрале како најбезбедна за споделување на содржини. А1 он, објави дека меѓу учесниците во групата имало и познати лица од естрадата и бизнисот, политичари за кои е нејасно дали некој друг ги вметнал или и тие ги користеле информациите.

Објавувани се лични податоци, телефонски броеви, фотографии на малолетни девојчиња од Инстаграм и Фејсбук. Слични содржини се репродуцираат постојано во нови групи и на Телеграм но и други социјални мрежи.

0 Коментари

Остави коментари