Над 30 милиони евра должи државата на компаниите за поврат на ДДВ
Државата на компаниите по основ на поврат на ДДВ им должи речиси 31 милиони евра. Оваа сума е заклучно 30ти ноемви годинава. Од Управата за јавни приходи за Телевизија 24 велат дека речиси идентична сума била исплатена на фирмите до истиот период годинава.
„Врз основа на статистиките во Управата за јавни приходи може да се забележи дека во 2023 година и во првата половина на 2024 година исплатите на повратот на ДДВ се поголеми од доспеаните износи во тој период за 3,8 милијарди ден, што покажува дека со задоцнување се исплаќале заостанати износи од претходни периоди. Новата раководната структура во Управата за јавни приходи од 01/07/2024 год. како стартна состојба исто така затекна заостанат неодобрен износ на ДДВ поврат доспеан во 2024 год. и во претходните години во вкупен износ од 1,7 милијарди денари, кој влезе во процес на одобрување и исплата и до сега е намален.“, велат од УЈП.
Од УЈП додаваат дека секој месец доспеваат нови барања за поврат на ДДВ кои влегуваат во процесот на одобрување, а тоа претходно вклучува анализи, контроли и административна обработка. Дополнително од управата велат дека сега процесите на одобрувањето се променија и вклучуваат потемелни и подетални анализи и вкрстување на податоци. Тоа е поради како што велат даночните афери со злоупотреби на повратот на ДДВ во изминатиот период. Неколку месеци веќе добар дел од Стопанските комори и бизниос здруженија се жалат дека со години им доцни повратот на ДДВ. Тие средства иако им се планирани за нови инвестиции или задржување на ликвидноста, се почесто ги добиваат со големо задоцнување, без разлика кој е на власт.
Актуелната директорка на УЈП Елена Петрова пред речиси два месеци излезе со податоци дека со години се правеле злоупотреби со повратот на ддв за компаниите. Таа обвини дека на фиктивни фирми од соседна држава им биле исплаќани високи суми а потоа на тие компании им се губел трагот.