Над 3 ипол милиони евра годишно одат неповрат за гас што Македонија не го користи

Од октомври лани секој месец од државниот буџет се трошат по близу 300 илјади евра за закуп на природен гас од електраната Александропулис, а гасот не се користи. Министерката за енергетика Сања Божиновска во интервју за Телевизија 24 вели дека оваа обврска Македонија ќе ја има и во следните 14 години.

Оваа обврска за закуп на капацитет на гас земјава ја имала како косопственик на електраната од 25 отсто, вели министерката и додава дека откако пропаднала можноста Македонија да има удел во сопствеништвото на Александропулис, договорот за закуп на гас не бил раскинат, туку останал на сила, што придонесува за голема штета за државата.

„Кога дојдов начекав фактура која што е изготвена врз основа на договор каде што нашата држава има закупено долгогодишен капацитет од 15 години. И таа фактура месечно изнесува 300 илјади евра, за закуп на преносен капацитет и тоа не се користи.“ - Сања Божиновска  министерка за енергетика.

Божиновска вели дека со актуелното раководството на ЕСМ ќе се обидат договорот да го раскинат иако вели тоа е тешко изводливо, бидејќи се работи за интернационален договор, а ако земјава престане со плаќање на обврската ќе следува тужба од Гас Трејд, компанија со која е потпишан договорот и која ги добива парите и е од соседна Грција.  

Здружението на Инженери на Македонија реагираше и побара институциите да го истражат овој случај. Како е можно да се плаќаат толкави суми на пари за услуга која не се користи.

„Ние имаме барање, истото ќе го упатиме и до Владата овој договор да се поништи и да се покрене некоја постапка за казливост на тој што го потпишал овој договор.“ - Илија Бендевски здружение на инженери.

Телевизија 24 се обиде да добие официјален став од претходното раководство на државната компанија ЕСМ, но тогашниот директор Васко Ковачевски е во бегство а институциите го гонат како осомничен во случајот  Адитив за набавка на мазут за РЕК Битола. Другите директори кои беа во тимот не сакаа да го коментираат сега договорот. Но телефонски ни соопштија дека има опција количеството на природен гас кој го купува земјава да се препродава, што ова раководство на ЕСМ ни соопшти дека се обиделе на неколку пати тоа да го сторат но било безуспешно.

Дополнителен проблем е дека нема како природниот гас за кој се плаќа по 300 илјади евра месечно  како да се донесе во Македонија. Дел од челниците на минатата влада кои го потпишаа договорт веќе мислеле дека тој е раскинат, и повеќе не на сила. Ова е втор штетен договор кој финансиски ќе ја оштети државата. Во првиот случај при продажбата на скопската рафинерија ОКТА.

Македонија имаше обврска да купува 500 илјади тони мазут годишно, количина која ни приближно не ни е потрбна за индустриските капацитети. Откако таа обвска не ја почитувавме како држава, заработивме тужба. Арбитражниоот суд  во Париз пресече дека земјава треба да плати казна за непочитување на договорот од 42 милиони евра.