Над 200 потреси по силниот земјотрес во Турција
Повеќе од 200 последователни потреси ја погодија северозападна Турција по силниот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер кој вчера ја погоди државата.
Многу жители на регионот ја поминале ноќта надвор или во своите автомобили од страв од понатамошни потреси. Едно лице загина, а најмалку 29 се повредени во градот Синдирги лоциран во покраината Баликесир. Повеќе од десет згради се урнати, а земјотресот се почувствувал и во Истанбул и Измир, одалечени повеќе од 200 километри. Спасувачката операција е завршена а властите се надеваат дека нема да има уште жртви.
Али Јерликаја – министер за внатрешни работи на Турција
„Четворица граѓани се извлечени во брза спасувачка акција. За жал, 81-годишна жена почина потоа. Повредените не се во сериозна состојба.“
Жителите на погодениот регион се предупредени да не се враќаат во оштетени објекти порадфи можноста од нови земјотреси...Според Турската агенција за управување со катастрофи, земјотресот се случил на длабочина околу 11 км.
Поради својата локација, Турција е честа мета на земјотреси. Во април годинава, Истанбул беше погоден од потрес со магнитуда од 6,2 степени. Во февруари 2023 година , два земјотреси со јачина од преку 7 степени според Рихтер, убија повеќе од 53 илјади луѓе во јужна Турција и неколку илјади во соседна Сирија.

