Нацоски во СТУДИО 10: Оперската уметност преживеала повеќе од 400 години и не мислам дека ѝ се гледа крајот
На 4 февруари ќе се одржи јубилеен концерт на еден од нашите најпознати тенори - „Вечер со Благој Нацоски - првите 20 години“. Концертот ќе се одржи во македонската опера и балет во 20 часот.
-Културата и спортот го создаваат имиџот на државата. Затоа треба да им се посвети повеќе внимание, вели тенорот Благој Нацоски, во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Нацоски, кој живее и работи во Италија, вели дека секој престој во Македонија му е сладок напор и времето го посветува и на дружење, но и на работата. Со концертот на 4 февруари тој има намера да создаде атмосфера на дружба на сцената на Македонската опера и балет.
Нацоски вели дека со ова доаѓање во Македонија за последен пат по 18 години ќе пее во операта „Севилскиот берберин“. Причината за тоа, како што вели, е тоа што пејачот се менува како што созрева, не само физички туку и мисловно. Затоа пејачот се адаптира, вели Нацоски оти самата презентација на улогата зависи и од менувањето на општеството.
-Постановката на оваа опера во МОБ е многу убава и за гледање и за слушање, вели Нацоски.
Оперската уметност преживеала повеќе од 400 години и не мислам дека ѝ се гледа крајот, вели Нацоски и коментира дека особено по ковид-кризата се појавува некакво заживување.
Нацоски вели дека како првенец на МОБ е еден од пејачите кој најчесто настапува на сцената, но е посветен и на други ангажмани за промоција на неговата, како што вели, матична куќа за која го врзуваат многу убави работи.
-Јас постојано учам, учам и од другите колеги оти никогаш не сакам да бидам под нивото. Овие 20 изминати години на сцената како од мене да направија подобар човек. Ми ги отворија сите хоризонти а кон тоа сигурно придонесоа патувањата и запознавањето на други култури. Едноставно се стремам да бидам подобар и како човек и на сцената, вели Нацоски.
Дебито во Римската опера, на 22 февруари 2003 година, Нацоски го смета за почеток на неговата кариера иако првиот настап го имал на 15-годишна возраст.