Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара најстрога казна за убиецот од Кочани

Најстрога казна за убиецот од Кочани кој пред два дена, со 40 убоди со нож ја  усмрти  својата поранешна партнерка, бара Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство... Од организацијата потсетуваат и на двојното убиство во Куманово, кога маж  ја уби сопругата и нејзината мајка, а потоа се самоуби..  Заедно со случајот во Кочани, тоа се три феми-циди извршени во еден месец на кои им претходело долгогодишно семејно насилство кое било пријавувано во полиција, велат од организацијата.

„Бараме да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чие непрофесионално работење доведе до смрт на три жени. Дополнително, правосудните органи неопходно е да покажат поголема сензибилизираност и разбирање на проблемот и ваквиот вид на кривични дела, а со крајна цел: правилна квалификација на делата, соодветен третман на жртвите во самите постапки, како и построга казнена политика за насилницитe“, велат од Националната мрежа против насилство врз жени.

МВР пак тврди дека полицијата постапила по пријавите на жените кои беа убиени во Кочани и Куманово. Преку соопштение оттаму велат дека во случајот во Куманово до надлежното обвинителство биле поднесени пет кривични пријави против убиецот, а во случајот со убиството во Кочани тврдат дека полицијата поднела известување, со службен материјал во до надлежното обвинителство. 

Според статистиките на МВР само во последниве четири и пол години извршени се 18 убиства на жени. Од средината на февруари годинава фемицидот во земјава стана посебно кривично дело. Според измените на Кривичниот законик за убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Една од дефинициите вели дека фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените.