Националната мрежа против насилство бара итна истрага и одговорност за трагедијата во Тафталиџе

Не падна таа. Падна системот. Жената не молчела, барала помош пријавувала повеќепати и никој не ја заштитил. Не ја уби тишината, ја уби негрижата, ја уби “дојди утре - немаме доказ”. Ја уби систем што треба да штити, а дозволи денес Македонија да плаче за мајка и дете.

Треба ли да се случи нова трагедија па да се превземат конкретни мерки е прашањето кое се отвора со оглед на тоа дека бројот на жртви на семејно насилство во државата рапидно расте, а загрижува и фактот што освен жени, сега и деца стануваат жртви.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна, темелна и независна истрага, но и одговорност за трагедијата што се случи вчера во скопската населба Тафталиџе. 

Од Мрежата оценуваат дека случајот претставува „црвено знаме за целиот систем“ и бараат утврдување одговорност доколку се потврди дека институциите имале сознанија за насилство, а не презеле соодветни мерки.  

Земете ги сите досиеја и чешлајте до секоја точка. Сите пропусти да се најдат и казнат. Казнете ги мувлосаните бирократи што за ситен поткуп ќе ризикуваат нечиј живот – ова се дел од реакциите во јавноста на многу стручни лица кои работат на случаите за справување со семејно насилство, по трагедијата која е уште една во низата на институционално непостапување.

Тиана Ивановска – психолог

“Соседи бре физички се пресметувале со него за да ја заштитат. И не сакам да чујам ни збор дека можела поинаку. НЕ МОЖЕЛА. Затоа што појма немате вие како е кога животот на слобода ти е поголем хорор од ќотекот што ќе го преќутиш дома, само за да не ве убие сите.“

КАТЕРИНА КОТЕСКА СТИСНИОВСКА – адвокат

„Секоја жена треба да знае - во брак не се останува поради децата! И кога ќе одите да го пријавите насилникот во полиција барајте да биде заведено како постапка, а не поплака. Плус, задолжително на лекар.“

Јавноста на нозе по трагичната вест, соседите вознемирени, а организациите бараат целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции, суспензија на службените лица до завршување на постапката, утврдување индивидуална одговорност и соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност таму каде што ќе се утврди пропуст.