Националистичките духови во Бугарија на нозе, можно ли е кревање на ветото?

Во организација на партијата ВМРО-БНД бугарски националисти излегоа на антивладин протест во центарот на Софија, барајќи оставка од премиерот Кирил Петков поради како што велат подготвување на предавство на бугарските интереси во Македонија.

Тие велат дека Петков на 24 Мај ќе го крене ветото за Македонија и доколку тоа се случи се заканија дека ќе ја блокираат целата држава.

- Овие што се поставени на власт за да направат некаква промена се подготвуваат да го извршат најголемото предавство, предавајќи ги бугарските интереси во Македонија. Бугарскиот парламент, бугарската влада донесоа јасни позиции за македонското прашање, и Македонија може да ги почне преговорите само кога ќе ги исполни тие услови.- изјави Красимир Каракачанов, Претседател на ВМРО-БНД.

И Советот на општина Софија донесе декларација со која општинските советници ја повикаа Владата да не го крева ветото за Македонија и ги повикаа министрите и пратениците строго да се придржуваат до бугарските позиции. Во Софија инаку денеска и утре заседава Комисијата за образовни, историски и културни прашања, Пред почетокот на преговорите во интервју за Фокус, претседателот на македонскиот дел на комисијата Драги Ѓоргиев вели дека бугарскиот пристап во работата не дава многу надеж за договор.

- За жал, сегашниот пристап на дел од интелектуалната и политичката елита во Софија и на некои од колегите во Комисијата од Република Бугарија е заложник на минатите времиња и води кон консолидирање на старите наративи оформени во времето на Тодор Живков за целосно негирање на идентитетот и културата на Македонците. - изјави Драги Ѓоргиев, копретседавач на историската комисија меѓу Македонија и Бугарија.

Националистичките духови ви Бугарија се разбудија после последните изјави на премиерот Петков во кои тој најави можно кревање на ветото кон Македонија, а угледниот весник Економист во последната анализа вели дека покрај големиот притисок врз неговата влада, изгледно е дека сегашната коалиција околу Кирил Петков ќе успее да опстане.