Набавен гас за топланите за цел декември

Државните електрани го преземаат управувањето со топланата Скопје Север, а граѓаните на Чаир и Бутел, заедно со училиштата и градинките веднаш ќе добијат греење. Ова попладнево за ТВ 24 го потврдија од ЕСМ.

Оттаму велат дека топланата веднаш ќе се снабди со потребната количина гас и ќе почне да работи. Оваа вест претходно ја најави премиерот Димитар Ковачевски, демантирајќи ги информациите дека Скопје од утре ќе нема греење оти скопските топлани имале гас само уште за денеска.

На завршувањето од изградбата на гасоводот Клечовце – Битола, чии краци денеска се споија во близина на кавадаречки Фени, надлежните се пофалија дека гасификацијата на земјава се одвива успешно.

Македонија повеќе од 30 години нема изградено значаен капитален енергетски капацитет. Според експертите, гасниот проект Александрополис во соседна Грција, во кој земјава влегува со своја инвестиција, е голема шанса за решавање на енергетскиот дефицит. Министерот за транспорт Благој Бочварски најави дека наскоро ќе почне изградбата на гасоводот до интерконекторот со јужниот сосед.

Досега во земјава се изградени гасоводите Штип – Неготино и Неготино – Кавадарци – Битола, а се финишираат делниците Скопје – Тетово – Гостивар и кракот до Тетово, со вкупна должина од 200 километри. Сепак, низ ниту еден од нив се уште не протекол природен гас.