На земјоделците и сточарите им „прекипе“: „Живееме на питачки стап“

Сточарството и земјоделието се на питачки стап – со оваа порака земјоделците и сточарите од Пелагонија, Преспа и Кавадарци денеска го блокираа патниот правец Битола – Прилеп кај селото Тополчани. Доцнење на субвенциите, ниски откупни цени и непочитување на договорите се главните причини за нивниот револт.Најкритична е состојбата кај сточарите. Бараат итно исплаќање на заостанатите субвенции и премии за предаденото млеко, чија откупна цена за кусо време е намалена за речиси 30 проценти. Исто така, бараат субвенцијата да се зголеми на 250 евра по крава, наместо сегашните 8.000 денари, и директно да учествуваат во креирањето на Програмата за поддршка за 2027 Ако испорачаните барања не се исполнат блокадите ќе станат се помасовни велат тие.

На денешниот протест се приклучија и овоштарите од Преспа. Бербата на јаболка е во полн ек, но цената не ги покрива ниту основните трошоци. Неисплатени субвенции бараат и житарите и пчеларите.Голем проблем годинава имаат и производителите на пиперката „куртовска капија“. Се жалат дека откупувачите си играат со нивниот труд и ги рушат цените, класифицирајќи го целиот род како втора класа. Дополнително, дел од нив останаа без право на субвенции поради одлука донесена четири месеци по сеидбата.

За ТВ 24, од Министерството за земјоделство велат дека ги знаат проблемите и дека се во постојана комуникација со земјоделците. Објаснуваат дека исплатата тече, но процесoт го забавуваат наследените долгови уште од 2020 година.Со последниот ребаланс на Буџетот, како што посочуваат, обезбедени се дополнителни 1,4 милијарди денари, со што рамката за субвенции е зголемена на 8,7 милијарди денари. Овие средства треба да ги покријат сите земјоделци кои реално произведуваат.