На високото образование во Штип недостасуваат млади луѓе
Македонија нема многу научници, но и оние што ги има постојано се десеткуваат бидејќи не се доволно финансиски стимулирани, тврдат универзитетските професори на одбележувањето на Светскиот ден на науката.
Нови вработувања, пред сè млади кадри и повеќе ресурси се неопходни и тоа е првиот и основен чекор кој државата треба да го превземе, потенцира проректорот за наука на штипскиот Универзитет.
Прво треба да се инвестира во кадар, а потоа во интрументални системи, дециден е универзитетскиот професор, Рубин Гулабоски, според кој досега направени се огромен број стратешки грешки.
Буџетот за научно-истражувачка дејност за следната година, се очекува да биде поголем од годинешниот, а интенцијата е во следните четири години да изнесува најмалку 1 отсто од бруто домашниот производ, за разлика од сегашните 0,3 отсто.
Инаку, по повод Светскиот ден на науката беа доделени признанија и годишни награди на најдобрите научници, кои имаат достигнувања во полето на науката во текот на изминатата година.