На тендерот со потреба од 11 илјади тони мазут за топланите, никој не пројавил интерес
Никој не се јавува на тендерот на ЕСМ за набавка на мазут за скопските топлани. Огласот кој беше распишан на нова година, заврши завчера, кога требаше јавно да се отворат понудите. Иако работат на природен гас, топланите имаат обврска да набават мазут за 15 дена работење, но како алтернативно гориво.
Сега, компанијата која управува со државните електрани ќе бара решение за проблемот, но потенцира дека топланите со кои стопанисува работат исклучиво на природен гас, кој не го загадува воздухот.
„Вршителот на дејноста производство на топлинска енергија има законска обврска да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет согласно лиценцата, со цел да обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано производство на топлинска енергија. Токму затоа, ЕСМ Производство на топлина, поради законската обврска, објави јавен повик за доделување на рамковна спогодба за набавка на резерви за алтернативно гориво-мазут за 15 дена работење на топланите најмногу до 11.000.000 kg“
По ваквиот расплет, ако се покаже дека мазутот е непотребен, ЕСМ може и воопшто да не го набави, но може да склучи договор со добавувач без тендер, во рамковна спогодба. Нешто слично се случи пред неколку дена, кога ЕСМ, без тендер и во четири очи ja избрa фирмата Топлина од Подмоље, да копа јаглен наместо Марковски компани за најголемиот производствен капацитет за струја во земјава РЕК Битола. Поради непочитување на одредбитем државните електрани еднострано и го раскина договорот на битолската фирма. Претходно Топлина, заедно со уште неколку струмички фирми, критикувани дека се блиски до семејството Заеви, беше подизведувач на Марковски. Новиот договор е вреден 1 мнилион и 150 илјади евра, но според ЕСМ, бил поевтин за 15 отсто од претходниот. Министерката за енергетика Сања Божиновска вети минимизирање на договорите во четири очи.
И додека државните електрани во последните три месеци лани за набавка на струја потошија близу 48 милиони евра, министерката Божиновска ги повика надлежните институции да ги проверат потрошените 390 милиони евра за истата намена во периодот од 2021 до 2023 година. Токму тој период е времето на енергетската криза, кога цените на струјата на меѓународните берзи бележеа вртоглави износи.