На сметките за струја ќе има нова ставка

Новата цена на струјата се „крчка“, а веќе наредната недела ќе биде соопштена од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, за „Независен“ открива дека во сметките се подготвува нова ставка, Пристап до мрежа, која  ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, како што уверува, тоа нема да ги зголеми сметките, или тоа ќе биде незначително, но истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.

Со Бислимоски, разговаравме и за повеќе актуелни прашања, од најгорливото, кога сите граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од евтината дневна тарифа, потоа за улогата на РКЕ во формирањето на цената на струјата, за влијанието на бугарската такса на рускиот гас, за отпорот кај дел од стручната јавност во врска со јавно-приватното партнерство за „Чебрен“, како и за инвестициите во батериски системи за складирање електрична енергија.