На потег е Обвинителството – Ќе влезе ли во костец со корумпираните политичари?

Ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црна листа нема никаква правна последица во Македонија, но го разбуди раскараниот Судски совет – формираат комисија за да го чешлаат струшкиот суд, по наводите на Стејт департментот, дека Мерко се мешал во судски предмети. Од таму за ТВ 24 велат:

„Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на струшкиот суд, за да може на лице место да направи контрола за наводите. Но, напоменуваме дека овие постапки во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку станува збор за конкретни предмети во кои се засегнати странките“, информира Судски совет.

Но, експертите не очекуваат голема реакција дома – професорот Гордан Калајџиев за ТВ 24 вели дека ставањето на странските црни листи нема правно значење, но правно-политички, значи сериозна опомена дека е општо познато, кои се личностите кои се корумпирани. Тој не очекува да се преземе нешто, сè додека на власт се политичари кои во своите канцеларии се фотографираат со машина за броење пари. Според него, оставки од централната власт или од Мерко, нема да има.

„Се знае каде е голот и лесно е да се даде гол во овие ситуации, меѓутоа нема политичка волја, затоа што веројатно, степенот на корумпираност е во повеќе слоеви, од највисоките структури до долу во власта и локалната власт на силните политички партии е особено корумпирана. Ние порано сме добивале вакви опомени и конкретни личности. Досега се покажува дека реакциите кај нашите државни структури и кај институциите се и натаму да се прават дека не знаат што им се кажува“, вели Гордан Калајџиев, универзитетски професор.

За разлика од Калајџиев, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска очекува реакција од домашните правосудни органи. Денеска преку Фејсбук порача:

„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, вели Грковска.

И додека не стивнуваат реакциите, Обвинителството спие – сè уште немаат никаква реакција, дали ќе преземат нешто, откако струшкиот градоначалник осамна на црната листа, со обвинувања за вмешаност во значителна корупција и за мешање во судски и други јавни процеси. 

Додека Обвинителството се подготвува за реакција – Стејт департментот на САД, се подготвува за проширување на црната листа, а по извештаите на тимот за санкции, кој во декември минатата година ги чешлаше актуелните и поранешните функционери.