На потег е бугарскиот парламент за францускиот предлог
Протоколот за спроведување на билатералниот Договор за пријателство со Македонија денеска е доставен до Комисијата за надворешни работи во бугарското Собрание која ќе треба да се прозинесе по текстот, а потоа тој да се најде пред пратениците на гласање.
Не е познато што содржи оваа драфт верзија на протоколот, ниту се знае за кога е закажана собраниската седница на Комисијата. После одредени информации дека протоколот е пратен и до македонското МНР, од таму велат дека не добиле ништо такво од бугарските колеги.
Димитар Гочев од бугарската владејачка партија „Продолжуваме со промените“ за „БНТ“ вели дека во Бугарија ќе има јавна дебата за францускиот предлог но тврди дека текстот не го видел. Гочев не отсапува ниту од бугарската позиција за македонскиот јазик.
„Ставот на Бугарија е јасен, македонскиот јазик го сметаме за дијалект на бугарскиот јазик. Бугарија и понатаму има право на вето и во секое време може да го блокира членството на Република Северна Македонија во Европската Унија“ - изјави Димитар Гочев „Продолжуваме со промените“.
Софиски „Стандард“ пак пишува дека доколку Бугарија вечерва даде позитивен одговор за предлозите на француското претседателство уште утре се очекува Советот за општи работи на ЕУ да ги одобри преговарачките рамки за Скопје и Тирана, а на Самитот за Западен Балкан в четврток да бидат одредени датумите за почеток на преговорите.
Но, од друга страна во Среда ќе се гласа за доверба на владата на Кирил Петков и речиси е извесно дека неговиот кабинет ќе ја изгуби довербата на пратениците. А македонските партии и организации во Бугарија потпишаа заедничка платформа за обединување на тамошното македонско движење, со што, како што истакнуваат го завршија процесот на надминување на последните внатрешни поделби и противречности што траше во изминатите две години.
Една од главните цели на македонските организации во Бугарија ќе биде запирање на негирањето на македонското национално малцинство во Бугарија преку негово официјално признавање.