На Ковачевски и Спасовски им е одобрено право на едногодишна апанажа од 2500 евра месечно

Поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и екс-министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски побарале апанажа со што месечно ќе добиваат по 2.500 евра, Ковачевски дополнително побарал и службено возило на сметка на државата.

Комисијата за избори и именување во Собранието, под точка „разно“, ги усвои, односно ги прифати барањата од поранешниот премиер Димитар Ковачевски и од поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да добијат апанажа.

Надоместокот е во висина на платата што именуваното лице ја добивало додека било на функцијата, а тоа значи дека и двајцата цела година ќе добиваат по 2.500 евра месечно.

„Поранешниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски кому функцијата му престана поради избор на преодна Влада, поднесе барање за остварување на плата по престанок на функцијата. И поранешниот министер Оливер Спасовски на кого функцијата му престана согласно Законот за Влада, поднесе барање за остварување на плата по престанок на функцијата“. - рече претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска.

Освен експремиерот и поранешниот министер за внатрешни работи, апанажа ќе добиваат и Весна Бендевска од Комисија за заштита од дискриминација, како и Исмаљ Камбери од истата комисија.

Никола Димитров, Мила Царовска и Радмила Шекеринска, Аријанит Хоџа, Седат Сулејмани се само дел од луѓето кои претходно побарале апанажа.

Во една од анализите на Државната комисија за спречување корупција за искористувањето на правото на апанажа од страна на функционерите.за само четири години биле исплатени 1,8 милиони евра. Станува збор за анализа за периодот од 2014 до 2018 кога правото на апанажа го искористиле 107 функционери, од нив 78 биле од Собранието, а 29 од Владата.