На кого припаѓаат 350 илјади евра од случајот на Ѓоко Ристов, судењето продолжува
Градежен инвеститор кој беше предложен сведок на Обвинителството, сведочеше за случајот за обвинетиот судија Ѓоко Ристов. Според Обвинителството тој е повикан да сведочи на околности кои се однесуваат на купопродажба на станови, станови кои ги уплатила мајката на обвинетиот, Донка Ристова. Износот кој го уплатила бил над 400 000 евра.
Круме Апостоловски-сведок: „Пред извесно време, во јануари 2025 год. се слушнав со тетка Донка која беше заинтересирана да купи станови кои не се во изградба. Отидов кај неа да направиме муабет. Се договоривме да купи четири стана во вкупна површина од 250 квадрати. Се договоривме за цена. Во јануари склучивме договор и таа уплати износ. Уплати околу 400.000 евра на сметка. Се доцнеше со градба. Тетка Донка ме повика, ја информирав дека ќе се почне, дека документацијата се спрема, но доцни во општината.Уплатената сума остана уплатена и не вратив ништо.“
За Обвинителството ова сведочење е важно затоа што на почетокот на истрагата, одбраната посочила дека дел од тој износ најдените 350 000 евра во ѕидот во куќата на родителите на Ристов е токму овој износ. Пари кои биле вратени, бидејќи продажбата на становите низ процедурите објективно доцнеле па Донка Ристова побарала да се вратат.
Искра Хаџи Василева-обвинителка, ОЈОГОКК: „Потеклото на тие средства, се уплатени односно ги стекнала Донка Ристова како управител и основач на фирма, правно лице „Ристов енерџи“ -фирма која кратко време опстојува, во еден краток период успева без никаков влог да извлече со влог од над
400 000 евра. Токму овие средства, кои се директно уплатени за становите. Средствата се добиени и стекнати во правното лице како резултат на продажба на земјоделско земјиште-нива која низ брза административна постапка, успеала да издејствува пренамена и тоа земјиште да го продаде како нива за изградба на фотоволтаици.“
Одбраната на обвенетиот судија Ѓоко Ристов, потенцира дека Обвинителството не докажало дека парите извираат од судијата Ристов, туку парите кои извираат се од ѕидот на неговите родители и од сметката на неговите родители.
Звонко Давидовиќ-адвокат на Ѓоко Ристов: „Обвинителот го предложи како доказ склучувањето на договорорите, плаќањето на сметка и човекот инвеститор. Кажа дека сите договори и срдставата се примени од мајката на Ѓоко Ристов. На наше прашање, дали Ѓоко Ристов има некаква врска со ова ои дали некогаш комуницирал-одговорот беше не. И истиот не знаеше по кој кривично правен настан се наоѓа во судница. Секој мој коментар понатаму е излишен.“
Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари, а следното рочиште е закажано за в четврток.

