На клиниките има недостиг од педијатри, а не се примаат пријавени лекари на завршен конкурс

Вработувањата во здравството „тапкаат“ во место. Дури и дел од објавените огласи не се реализираат со месеци. На Универзитестката клиника за детски болести оглас за вработување на специјалисти објавен уште во ноември се уште не е реализиран.

Дел од кандидатите кои што се пријавиле реагираат дека и покрај тоа што ги поминале сите процедури, а роковите за жалби се поминати, се уште немаат добиено никакво известување од Клиниката за нивниот статус. 

Зошто во услови кога здравството се соочува со сериозен недостиг од персонал се „влечкаат“ процедурите? Од Клиниката за детски болести најавија, но до објавувањето на прилогот не дадоа одговори на прашањата на ТВ 24 зошто вработувањата не се реазлирани.

Во меѓувреме вработување чекаат и  повеќе од 1.000 здравствени работници коишто сега работат со договор на дело во јавното здравство. Заменик министерката во здравство се жали на политички опструкции од дополнителната заменичка-министерка за финансии. 

„Со одлука на Владата, вработувањата на 1.117 лица во здравството се обезбедени. Но, овие вработувања се блокирани од страна на дополнителната заменик министерка за финансии, Елена Петрова, само неколку дена пред изборите, без посебна причина, без тронка одговорност кон вработените во здравствените установи и без тронка грижа кон пациентите на кои им е потребна професионална грижа и нега. Ова не може да се дозволи.“ - вели Маја Манолева заменик-министерка за здравство.

Петрова пак со контраобвинувања. 

„Сакам да потенцирам дека од увидот во документите заклучив дека определен дел од истите се доставени до министерот за финансии во месеците декември и јануари односно многу порано пред формирањето на преодната влада и истиот доколку сакал имал доволен период да ги реши овие прашања.“ - вели Елена Петрова дополнителен заменик министер за финансии. 

Синдикатите велат дека сето ова е веќе видено сценарио коешто се повторува пред секои избори и дека здравствените работници се манипулираат за партиски цели. Порачуваат дека токму ваквите состојби го оставаат здравството без работници, а граѓаните без здравствени услуги. 

„Работодавачот и власта треба да се ангажираат тие луѓе да не останат на улица или да си одат од државава. Кој ќе ги лечи луѓето? Бајачки? Ние натака одиме.“ - вели д-р Предраг Серафимовиќ претседател на ССКЦ.

Според синдикатите, од 450 лекари кои годишно добиваат лиценци за работа од комората, 430 земаат дипломи за странски јазик, што е показател дека македонското здравство останува без персонал, а граѓаните ќе нема кој да ги лекува.